Јавното претпријатие „Македонија пат“ од денеска почна со градежни активности за санација на улицата „Партизанска“, во населба Осичка маала, во Крива Паланка и на патот кон село Огут.
– Се работи на локацијата на потег од Осички Мост кон населбата Домачки Дол, каде ќе се врши санација на дотраената асфалтна површина во Осичка маала, а паралелно, градежната механизација работи и на асфалтирање на патниот правец што води кон село Огут. Средства се обезбедени од Јавното претпријатие „Државни патишта“, а ќе биде реконструирана патна инфраструктура со вкупна должина од 6.2 километри, информираат до локалната самоуправа на општина Крива Паланка
Оттаму повикаа граѓаните да ги отстранат моторните возила, огревно дрво и друг материјал од коловозите и тротоарите, заради непречено одвивање на градежните активности.
– Во текот на асфалтирањето ќе биде воведен времен режим на сообраќај во овој дел од градот, поради што се молат граѓаните да имаат разбирање за отежнатото одвивање на сообраќајот во текот на градежните работи, посочија од општината.
Покрај санацијата на овие два патни правци, во тек е реализацијата на проектот „Реконструкција на дел од водоводна мрежа во град Крива Паланка“ со кој се врши замена на азбестни водоводни цевки со полиетиленски водоводни цевки, а од утре ќе се работи на дел улицата „8 Октомври“ на потегот од главната улица кон Маневски мост во должина од околу 700 метри.
Со проектот е предвидено да се изврши реконструкција на водоводната мрежа со должина од околу три километри на улиците: Моша Пијаде, Партизанска, Херој Карпош, 8 Октомври, 11 Октомври и Борис Кидрич.