Здружението на медицински сестри при ЈЗУ Општа болница Кавадарци, денеска во центарот на градот организираше мерење на крвен притисок и шеќер во крвта.
Настанот беше по повод меѓународната Недела на медицинските сестри. За четири часа, околу 300 луѓе дојдоа да го проверат своето здравје.
Нада Андрева, претседател на Здружението, изјави дека во преден план им е здравјето на кавадарчани.
– Имаме доста високи вредности на крвен притисок и шеќер во крвта. Ги упатуваме нашите граѓани да се јават на лекар, да си ги средат тие вредности. Оваа акција ни е едноставно превентива, се во интерес на здравјето на нашите граѓани, нагласи Андрева, дипломирана сестра во кавадаречката болница.
Таа додаде дека тие се тука да им дадат совет на граѓаните, затоа што некогаш и добриот збор од страна на медицинските сестри е најдобар лек.
– Медицинската сестра е главна алка во сите медицински сегменти. Почнувајќи од превентива, па се до најкомплексните медицински постапки. Ние медицинските сестри, без разлика на условите во кои работиме и нашата финансиска надокнада, најпрофесионално си ја извршуваме работата, рече Андрева.
Целата акција е во согласност со меѓународните активности на овој план, под мотото на интернационалниот Совет на сестрите оваа година, кое гласи „Медицинската сестра, гласот што води, здравјето е човеково право”.
Неделата на медицинските сестри се одбележува од 5 до 12 мај.