Франција, Германија и Велика Британија жалат поради одлуката на САД да се повлечат од Договорот за иранскатра нуклеарна програма, изјави францускиот претседател Емануел Макрон.
Тој наведе дека Франција ќе работи на проширување на Договорот, кој ќе ги опфати нуклеарните активности на Иран, програмата за развој на балистички ракети и регионалната активност.
– Заедно ќе работиме на поширока рамка која ќе ја опфати нуклеарната активност на Иран, во периодот по 2025 година, балистичката активност и стабилноста на Блиски Исток, посебно во Сирија, во Јемен и во Ирак, напиша Макрон на Твитер.
Макрон наведе и дека со одлуката на САД доведен е во прашање режимот за неширење на нуклеарното оружје.
Американскиот претседател Доналд Трамп денеска изјави дека САД се повлекуваат од Договорот за иранската нуклеарна програма и најави возобновување на санкциите кон Иран, кои беа укинати согласно документот.
Договорот за иранската нуклеарна програма во 2015 година го потпишаа Иран и петте постојани земји членки на Советот за безбедност на ОН – Велика Британија, Кина, Русија, САД и Франција плус Германија. Со Договорот, официјално наречен Заеднички сеопфатен акциски план, Иран се согласи на ограничување на својата нуклеарна програма во замена за укинување на меѓународните санкции кон земјата.