Традиционала македонска и албанска свадба со ора и песни, беа изведени во холот на основно општинско училиште „Илинден” од Крива Паланка во рамки на проектот за Меѓуетничка интеграција на младите во образованието кој се реализира во соработката со основно општинско училиште „Симче Настески” од село Вратница, општина Јажинце.
Директорката на ООУ „Илинден“, Марица Николовска, информира дека мешана група од триесетина ученици од двете училишта работеле на тема „Паланечка традиционална свадба” и „Албанска – Јажинска традиционална свадба” во рамки на грант од Министерството за образование и наука.
– Целта е постигната, се присетивме на оние традиционални вредности кои се изгубија во ова општество, благословите, почитта, кои се веќе реткост. Има поучни работи кои ги учат младите на почит и кон најблиските и кон повозрасните, но, и кон сите во средината во која живеат, без оглед на разликите во националноста и религијата, рече Дијана Петровска, директор на ООУ Симче Настески.
Со учениците работеа по осум ментори од секое училиште, а денешниот настан кој е завршен следува по двата кои се одржаа во текот на учебната година во двете училишта во рамки на проектот со времетраење од 12 месеци.