„Почитувани припадници на полициските сили на Република Македонија,
Имам чест и задоволство, во мое лично име и од името на пратениците во Собранието на Република Македонија, да Ви го честитам 7 – ми Мај, Денот на полицијата на Република Македонија.
Министерството за внатрешни работи, полициските и безбедносните служби во нејзини рамки навистина имаат тешка меѓутоа во исто време и благородна должност. Тие се столбот кој што го штити Уставот, ги спроведува законите и ја чува и негува демократијата. При тоа, го ставаат во залог својот живот и својата безбедност. Тие се првите кон кои се упатува погледот на нашите граѓани при каква и да е опасност. Товарот што го носат не е лесен, и ние, како законодавен дом правиме се што е во наша моќ, полициските и безбедносните служби на Република Македонија да имаат можност да станат навистина западноевропски професионални служби кои ќе бидат во секое време во служба на сите наши граѓани, без оглед на нивната етничка, верска или политичка припадност, а граѓаните во нив ќе гледаат свој пријател и заштитник.
Со донесувањето на реформските закони и со овозможување на истите да се спроведуваат во нивниот вистински реформски дух, нашата земја ќе се приближи уште повеќе кон европските вредности и европската иднина, ќе стане вистински демократска, силна, модерна и европска Република Македонија, таква каква што и заслужуваат нашите граѓани.
Уште еднаш, нека е честит Денот на полицијата и направете не горди со вашата посветеност и одговорност при извршувањето на оваа важна должност“ се вели во честитката на претседателот на Собранието на Република Македонија, Талат Џафери.