Новинарството е професија која се бори за уставното право на секој граѓанин да располага со факти на кои може да им верува, да добие потребни информации во извештаи кои се напишани со внимание и прецизност. По повод Светскиот ден на слободата на медиумите 3 мај, Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници укажува на итна промена на приоритетите и фокусирање на работните и професионални права на новинарите и медиумските работници.
Од Синдикатот посочуваат дека неколку години по ред во извештаите за слободата на медиумите во Македонија, вклучително и последниот на Репортери без граници, се констатира дека новинарите се слабо платени и работат во несигурни услови, односно платите во медиумите се под 300 евра, што е далеку под нивото на просечната плата во Македонија.
– Дополнително, повеќе од половината или околу 54 проценти од медиумските работници и новинари не се вработени постојано, односно немаат договори на неопределено време, а ситуацијата е особено драматична во дигиталната сфера каде неминовно се сели доскоро традиционалното печатено новинарство. Колективните договори се мислена именка, за нив малку знаат и работниците и работодавачите, а станува збор за документ кој ги уредува сите витални прашања за функционирањето на медиумите, се наведува во соопштението на ССНМ.
Крајно време е, велат од ССНМ, прашањето за работните и професионални услови на новинарите и медиумските работници да биде ставено во центарот на дебатата за тоа какви медиуми сакаме во Македонија. Според нив, заканата од лажни вести пред која е оставено квалитетното новинарство во нашата земја која стана синоним за „лажни вести“ не може да биде победена со слабо платена, недоволно обучена работна сила која не е заштитена со колективен договор.