Единаесет уникатни креации со несекојдневен изглед изработени од рециклирачки материјали беа претставени на модната ревија „Треш фешн 2018“ што се одpжа синоќа во холот на средното училиште „Ѓорче Петров“, Крива Паланка.
Манифестацијата се организира по традиција во гимназијата, ова е седма ревија на модели oд отпадни материјали, а моделите и креаторите работеа во тимови во изминатите триесетина дена.
– Нашето училиште живееше со убавината и креативноста на учениците, кои мотивирани да создадат нови нешта од употребени материјали создадоа уметнички креации. Селекцијата се одвиваше во два круга, жири комисијата беше составена од претставници од: совет на родители, училишен одбор и професори, а поради силната конкуренција наградени се четири креации. Важно е да споменеме дека нашата гимназија е најнаградувано училиште во конкуренција на педесетина учесници-школи на државните „Треш фешн“ натпревари, а се надевам и годинава ќе имаме забележителен успех, истакна директорката на СОУ „Ѓорче Петров“, Крива Паланка, Габриела Стаменковска.
Првото место го освои креацијата „Третиот елемент“ на Божица Граматикова, Горјана Мицевска и Бојана Здравковска и ќе го претстави училиштето на државен натрпевар на 5 јуни, Светски ден на планетата земја, во Скопје. Работена е од електорнски уреди-таблети, ЦД-а, пластични шишиња, фото-церади од автомобили, картон, гума, а инспирацијата, според девојчињата, доаѓа од желбата да се нагласи важноста на заштита на животната средина.
– Вредно е да споменеме дека нашето училиште три пати е наградено на државните натпревари, а тоа пак, е мотивација учениците секоја година да бидат што покреативни во изразувањето при реупотреба на материјалите и нивната практична примена, истакна професорот по ликовна уметност, Роберт Цветковски, академски сликар.
Втото место на „Треш фешн 2018“ го освои Тамара Атанасовска, со креацијата „Во пропаста“, а доделени се две трети награди, на креациите „Демонски волшебник“ на Виктор Ивановски и Кристина Строиманова и „Хартиена принцеза“ на Милена Стојановска.
Претставниците на СОУ „Ѓорче Петров“, Крива Паланка две последователни години, 2014 и 2015, беа третонаградени на „Треш фешн Македонија“, додека во 2012 година добија награда од ученици за ученици.