Општина Кавадарци имала направено три различни проекти за зелен пазар со трговски центар и паркинг во минатото и биле потрошени многу пари, а никој од проектите не бил реализиран, информираше градоначалникот Митко Јанчев.
– Не би шпекулирал ама мислам дека околу 50 илјади евра се потрошени за еден проект и повеќе. Во моментот ми е многу невкусно кога ќе треба да кажам и дека треба да направм нов проект затоа што тие проекти ги имаме во општината, а не се функционални затоа што се правени врз основа на урбанистички план кој сега се менува и детален план кој се менува. За жал мора да порачаме нов проект и овој проект го ограничивме на една сума од шестотини илјади денари, затоа што имаме и локални фирми кои можат да се јават со таа сума и да го направат. Нема да го правиме мегаломански, ќе го задржиме духот на пазарот и она што го зборувавме и во предизборната кампања, соопшти Јанчев.
Појасни дека пазарот ќе си биде едно плато со гаражи за паркирање за секојдневна функционална употреба на граѓаните со покриен простор. Најави и уште еден зелен пазар во градот.
– Ќе имаме два зелени пазара, а луѓето сами ќе одлучуваат на кој пазар ќе одат, рече градоначалникот.