Пратеникот Павле Богоевски го повтори ставот на пратениците од СДСМ, тврдејќи дека интерпелацијата служи само за да го покрие враќањето на опозицијата во Собранието. Тој вели дека ВМРО-ДПМНЕ не наликувала на сериозна партија, а прави чекори кои според него не ги правеле ниту малите деца.
„Ова што го правите не е демократија, туку несериозност. Пред две години, откако лицето кое сè уште е претседател, ослободи 62 лица од криминал, го роди движењето кое ве тргна од власт. Оние кои влегоа во Собранието, не ги нападнаа пратениците, туку сите граѓани. Вината не ја барајте кај нас, туку меѓу вашите редови и луѓето кои денес не се тука. Тоа што го правевте е за да спасите луѓе од кривичен прогон, да го спасите вашиот претседател. Тој дојде еднаш, истури чаша вода кај претседателот и покажа пред цел свет каков е, односно силеџија“, вели Богоевски.
Тој од собраниската говорница кажа дека ВМРО-ДПМНЕ ја заробила државата, а оваа Влада се отворила и ја слушала критиката на народот. Според Богоевски, денес слободно се критикувало и никој не трпел последици од тоа.
„Ниту една влада не е без критика, има место за критика. Сега ние ги решаваме вашите проблеми. Ако ја сакате оваа држава, почитувајте ги институциите. Престанете да се однесувате како партија каде на чело е Никола Груевски“, им порача Богоевски на пратениците од ВМРО-ДПМНЕ.
Кристијан Ландов