За истрагата „Странски служби“, Специјалното јавно обвинителство на 26 декември лани преку Министерството за правда до надлежен орган во Грција доставило барање за екстрадиција во Македонија на бегалецот Горан Грујевски, со цел негово кривично гонење и во оваа кривична постапка. Тој е осомничен за сторено кривично дело „Злоупотреба на службената положба и овластување“. Ова го пишува во најновиот извештај за работата на СЈО. Истрагата беше отворена кон крајот на минатата година.
Според исказот на обвинителката Фатиме Фетаи за истрагата „Странски служби“, во 2014 година по барање на Грујевски, странска компанија изготвила извештај во кој било наведено дека на подрачјето на Скопје, со опрема детектирала нелегални активности поврзани со двојни базни станици. Вака изготвениот извештај требало да ја потврди тезата на тогашниот државен врв дека масовното прислушување го вршеле странски служби. Интерес за овој извештај, според СЈО, имала и странската компанија. Според Фетаи, оваа компанија со најбрза постапка за јавна набавка, односно со фаворизирање го добила тендерот за набавка на опрема. СЈО побара притвор за Грујевски во случајот „Таргет-Тврдина“.
Грујевски се жалел и на казната затвор во „Тврдина 2“
Бегалецот Горан Грујевски, кого кривичниот суд го осуди во отсуство за предметот „Тврдина 2“, преку неговите адвокати поднел и жалба на пресудата до Апелацискиот суд во Скопје, пишува во Извештајот на специјалното јавно обвинителство. Жалба на пресудата судот поднела и една службеничка во УБК, која исто така, судот ја прогласи дека е виновна и ѝ определи условна казна. СЈО, како што пишува во извештајот, изјавило одговор на жалбата. На 28 март, Апелациониот суд треба да одлучува за жалбата на Грујевски и на обвинетата службеничка од УБК.
Поранешниот началник на УБК, кој е во екстрадициски притвор во Грција, судот лани во ноември го осуди на една година и шест месеци затвор за уништување службени документи, од кои, некои биле поврзани со опремата за прислушување. Шесте службенички вработени во УБК, судот ги осуди на условни казна. Пет од нив се осудени на условна казна од 1 година, ако во рок од 3 години по правосилноста на пресудата не го повторат делото. Обвинетата М.К.С ја осуди на условна казна затвор од 9 месеци, ако во следните 2 години по правосилноста на пресудата не го повтори делото. Судот како олеснителни околности при донесувањето на пресудата за Грујевски зеде предвид тоа дека тој претходно не е осудуван и дека е семеен човек. Како отежителни околности за определување на казната ги зеде предвид степенот на кривичната одговорност, тоа дека иницирал кривично дело и неговото бегство.
В. Маглешов