Со сослушување на сведокот Игор Трпевски денеска во Кривичниот суд продолжи судењето за предметот на СЈО „Тарифа“.
Сведокот е член на УО и директор на Секторот за развој и инвестции во АД ЕЛЕМ.
Трпевски одговара на прашања на СЈО за тендерската постапка за набавка на софтверскиот систем за потребите на ЕЛЕМ.
Во предметот „Тарифа“, обвинети се поранешниот генерален директор на АД „ЕЛЕМ“ Дејан Бошковски и уште други две лица.
Станува збор за обвинение за противзаконска набавка на софтверски систем за потребите на државната компанија „Електрани на Македонија“ вреден околу четири милиони евра.
Обвинителите на СЈО на претходните судски рочишта рекоа дека ќе докажат оти тројцата обвинети ја злоупотребиле службената положба и овластувањето. Обвинетите се изјаснија дека не се виновни.
Според обвинението на СЈО, обвинетите ја злоупотребиле службената положба и овластувањето во постапка за јавна набавка на софтвер – „ЕРП систем“. Обвинетите со неизвршување на службената должност овозможиле правното лице – конзорциум, кое подоцна го добило тендерот, да се квалификува во втората фаза на преговарање при јавната набавка, иако немало доставено комплетна документација.
Во Кривичниот суд денеска е закажано рочиште и за предметот „Тенк“ на СЈО.