Севиља го направи најголемото изненадување во досегашната фаза од осминафиналните натпревари во Лигата на шампионите и го елиминираше фаворизираниот Манчестер јунајтед.
Гостите на реванш натпреварот на „Олд трафорд“ извојуваа победа од 2:1 (првиот меч во Шпанија заврши без голови) и сосема заслужено се меѓу најдобрите осум екипи во Европа, за прв пат по точно 60 години.
Севиља ја имаше контролата над топката во поголемиот дел на натпреварот и изгради многу повеќе шанси да го загрози голот на Јунајтед.
Херој на Шпанците беше напаѓачот Бен Једер кој влезе во 72 минута и само по две минути донесе водство од 1:0. Стрелец на вториот гол повторно беше Бен Једер во 78 минута. Јунајтед преку Лукаку намали на конечни 2:1.
На вториот осминафинален натпревар Рома со минималниот триумф над Шахтјор си обезбеди место во следната фаза.
Рома со голот на Џеко славеше со 1:0, иако на првиот натпревар во Украина беше поразена со 2:1. Благодарение на голот постигнат на гостински терен Рома се пласираше меѓу осумте најдобри во Европа.
Ждрепката за четвртфиналната фаза ќе се одржи во петок.