Вардар со победа и со нов рекорд го заврши основниот дел од регионалната СЕХА лига.
„Црвено-црните“ во „Јане Сандански“ го совладаа хрватскиот вицепрвак Нексе Нашице со 29:25 и ја забележаа 17 победа и станаа единствениот тим во регионалното натпреварување кој успеал да дојде до едно вакво остварување.
Досегашниот рекорд беше сопственост на унгарски Веспрем со 16 победи и две ремија.
Вардар ја имаше контролата врз резултатот во првиот дел од првото полувреме одржувајќи два гола предност, но потоа гостите ја преземаа иницијативата и на паузата заминаа со предност од 10:11.
Вардар во вториот дел се консолидира и одигра онолку колку што беше потребно за победа од 29:25.
Најефикасен кај Вардар беше Лука Циндриќ со седум погодоци, додека на голот Страхиња Милиќ имаше 14 интервенции.
За Вардар во регионалното натпреварување следен предизвик е фајнл-форот во СЕХА лигата, кој се игра од 13-15 април во Скопје.