Заменик претседателот на Владата задолжен за економски прашања д-р Кочо Анѓушев учествуваше на настанот за одбележување на Европската недела на стартапи, во организација на Фондот за иновации и технолошки развој, кадешто на присутните го пренесе личното искуство како стопанственик.
Вицепремиерот Анѓушев истакна дека старт ап, микро, малите и средни компании со мерките од Планот за економски раст ќе добијат силна поддршка, што ќе придонесе за повисок раст и побрз развој на македонската економија.
„Преку споделувањето на личниот пример сакам да ги охрабрам младите луѓе, да го поттикнам нивниот претприемачки дух и да ги мотивирам да инвестираат во родната земја. Владата преку имплементација на мерките од третиот столб на Планот за економски раст, како никогаш досега, ќе ги поддржи микро, малите и средни претпријатија. Владата ќе биде партнер на компаниите, ќе ги поддржи нивните инвестиции со финансиски средства, со крајна цел да бидат успешни и да се развиваат. Верувам дека овие мерки ќе ги мотивираат младите луѓе, ќе го раздвижат претприемачкиот дух и дека ќе создадеме темел на една здрава економија“, потенцираше Анѓушев.
Мерките од третиот столб се реализираат преку Програма за поддршка на мали и средни претпријатија на Фондот за иновации и технолошки развој, а директорот на Фондот Јован Деспотовски изјави дека постои огромен интерес за мерките и потенцијал за раст кај компаниите.
„Фондот за иновации и технолошки развој ќе ги поддржи микро, малите и средните компании, сакаме да покажеме дека се нуди голема поддршка и во иднина ќе се нуди уште повеќе, за младите луѓе да ги реализираат своите идеи, да ја планираат својата иднина во Република Македонија и да придонесат за економски раст на земјата“, истакна директорот на Фондот за иновации и технолошки развој Деспотовски.