Тотенхем треба да игра ослободено против Јувентус во осминафиналниот реванш натпревар од Лигата на шампионите, изјави менаџерот на „петлите“, Маурисио Почетино.
Тимот од Лондон губеше со 2:0 против „бјанконерите“, но стигнаа до реми 2: 2 во првиот дуел помеѓу двата состави.
– Треба да се чувствуваме слободни. Ако го направиме тоа и уживаме во натпреварот, ќе достигнеме до врвот на нашите можности. Ако играме на најдобар начин, значи ќе победиме. Тоа е речиси сигурно, изјави Почетино на прес-конференција пред дуелот утре од 20:45 часот на „Вембли“.
Претходно во сезоната, Тотенхем го победи европскиот клупски шампион Реал Мадрид, како и германскиот Борусија Дортмунд.
– Не можеме да поставуваме граници. Јас сум сонувач и не можам да се задоволувам со нешто минимално. Се подобривме во последните две сезони. Гледате дека сме посилни во оваа кампања. Се отвораат добри можности пред нас, но ние сме должни да ги искористиме. Утре ќе се сретнеме со еден од најсилните тимови во светот. Предизвикот пред нас е огромен. Треба да бидеме убедени дека можеме да постигнеме краен успех, рече уште 46-годишниот Почетино.