АД Електрани на Македонија (ЕЛЕМ) соопшти дека се става на располагање на сите државни институции во интерес на спроведување на потребните процедури и утврдување на фактичката состојба по поднесените кривични пријави против ЕЛЕМ и неколку поранешни и актуелни директори во РЕК Битола поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загадување на животната средина и природата“.
„Во врска со кривичните пријави поднесени денеска од СВР Битола, АД ЕЛЕМ ја информира јавноста дека се става на располагање на сите државни институции во интерес на спроведување на потребните процедури и утврдување на фактичката состојба.
Во однос на делото за кое се однесуваат пријавите, потенцираме дека новото раководство на АД ЕЛЕМ презема мерки во насока на заштита на животната средина и сите активности се во насока на производство на електрична енергија со што помало влијание на околината. Во 2017г новото раководство почна постапка за набавка на опрема за стандардизирање на отпепелувањето, која ќе спречи отпадната пепел да се шири во околината. За 2018г предвидени се средства за набавка на електростатски филтри кои ќе спречат емисија на штетни материи во воздухот.
Во врска со информацијата од СВР Битола напоменуваме и дека од наведените физички лица-функционери во РЕК Битола, во моментов само едно лице се води како актуелен раководител, односно станува збор за раководител кој е на таа позиција подолго време и не е дел од новите назначувања кои се случија во комбинатот минатиот месец“, се вели во соопштението на ЕЛЕМ.