Премиерот Зоран Заев денеска потврди дека во Советот за следење на стратегијата во правосудството за периодот 2017-2022, тело кое е во формирање, ќе членуваат и претседателот на Врховниот суд, Јово Вангеловски и специјалната јавна обвинителка Катица Јанева. Заев пред новинарите изјави дека целта е да се направи правен совет за реализација на веќе донесената стратегија за реформите во правосудството.
„Кога се работи за реализација и имплементација, според мене, правните советници треба да бидат луѓе практичари. Веројатно во таквиот совет ќе влезе претседателот на Врховниот суд, претседателот на Основниот суд Скопје 1, државниот Јавен обвинител, специјалната обвинителка Катица Јанева, веројатно и една од апелационите единици, претседателот на Здружението на судии на Македонија, од Адвокатската комора, практичари кои што ќе треба да влезат потпомогнати од граѓански активисти и од професорската фела. Но, тоа не значи дека треба да биде преобемно“, рече Заев. Тој изјави дека не се водат од името и презимето на личностите, туку од позицијата на кои се поставени.
„Ние не бираме личности, не гледаме по име и презиме. Апелацискиот суд има претседател кој е на крајот на својот мандат и не знаеме уште колку тој ќе опстои. Не се водиме од името и презимето на личностите кои што ги водат институциите. Врховниот суд во еден ваков совет не смее да биде незастапен. Ова тело треба да ги даде најдобрите можни решенија во интерес на граѓаните и на правосудството во Македонија“, рече Заев.
Советот за утврдување факти за Јово Вангеловски, поднесе барање за разрешување поради бегството на Горан Грујевски и Никола Бошковски, а од бомбите кои ги презентираше лично Зоран Заев, јавноста слушна како лично Вангеловски му се јавува на Миле Јанакиески, тогаш министер, а сега обвинет во дузина предмети на СЈО, и бара од него да сменат доказ во предметот за „Глобал“, бидејќи решението во предметот не било потпишано, па еден од судиите не сакал да гласа на такви докази.