Груевски, Јанакиески и Трајковски на суд – почнува судењето за уривањето на „Космос“

Од:

Во кривичниот суд почнува судењето за уривањето на станбениот комплекс „Космос“. Во предметот, кој според новиот распоред на судии ќе го суди Огнен Ставрев, првообвинет е екслидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски. Покрај него, обвинети се уште 6 лица: ексминистерот Миле Јанакиески, поранешниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски, градежна инспекторка од Гази Баба и тројца членови на општинската комисија за набавки.

Истрагата за предметот со кодно име ТНТ беше отворена во април 2016 година, а летото 2017 година специјалното јавно обвинителство поднесе обвинителен акт. Специјалното јавно обвинителство бараше притвор за Трајковски, но Апелациониот суд во Скопје, наместо таква мерка, му го одзеде пасошот и му наложи еднаш неделно да се јавува во судот. За овој предмет 26 бомби се докази во постапката.

За што се обвинети Груевски, Јанакиески и Трајковски?

Според обвинението, во периодот од 1.4.2011 година до крајот на 2012 година Никола Груевски како премиер и Миле Јанакиески како министер, со цел да му се одмаздат на оштетениот Фијат Цаноски за неговата политичка одлука како претседател на политичката партија ПЕИ да ја напушти коалицијата со ВМРО-ДПМНЕ и да влезе во коалиција со СДСМ, искористувајќи ја својата реална моќ, го поттикнале обвинетиот ексградоначалник Тони Трајковски да стори кривично дело и да ја искористи својата службена положба и незаконски да го сруши станбено-деловниот објект „Космос“, што го градел оштетениот инвеститор.

Трајковски ја овластил обвинетата градежна инспекторка да најде начин да го сруши објектот, а таа свесна за последиците и штетата што може да настанат од нејзините дејства постапила спротивно на Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и на Законот за градењето. За да ја реализира постапката за уривање на станбено-деловниот објект „Космос“, направила мерење на максималната височина на нултата плоча на градбата, без да постојат законски услови за мерење на таа височина и без да биде изграден заштитен тротоар на градбата од пристапната улица на објектот во однос на кој требало да се врши мерењето.

Потоа составила записник за констатација, каде што незаконито навела дека целиот објект се изведувал спротивно на основниот проект, односно повисоко за висинска разлика од 1,43 метар, по што донела и незаконско решение за отстранување на градбата. Му наредила на инвеститорот во рок од 5 дена по приемот на решението да ја отстрани градбата затоа што целиот објект наводно се градел спротивно на заверениот основен проект и на одобрението за градење по што донела заклучок за уривање.

Со целосното уривање на објектот обвинетите му нанеле штета од големи размери на оштетениот инвеститор во вкупен износ од 1.001.603.149 денари. Во текот на уривањето на објектот „Космос“, кое почнало на 1.8.2011 година, обвинетиот Никола Груевски не бил задоволен со динамиката на уривање на објектот во првите два дена, и веднаш побарал од Миле Јанакиески во најкус можен рок да се сруши објектот „Космос“ со експлозив. Јанакиески, за да го исполни неговото барање, со умисла го поттикнал Тони Трајковски да стори кривичното дело злоупотреба на службената положба и овластувањето и иако немало потреба од нова јавна набавка за примена на друг начин на уривање, донел одлука за јавна набавка за фирма што ќе го изврши уривањето. Фирмата не била регистрирана за дејност уривање и немала лиценца за уривање со експлозивни материи, а Тони Трајковски како службено лице, иако немал планирани и обезбедени средства од буџетот на Општината за конкретната јавна набавка, донел одлука за јавна набавка и овозможил незаконски да се спроведе постапката за јавна набавка и да се фаворизира економскиот оператор.

В. М.

Би можело да ве интересира

На Груевски му застарува затворската казна во случајот „Тенк“ за набавката на мерцедесот

Катерина Ѓуровски

Груевски: Македонија станува протекторат, народот прави црни листи на избори, а не други држави

Врховниот суд пресече за „Плацеви на Водно“ – за Груевски останува казната од Апелација

Османи: Груевски треба да биде во Македонија и тука да се соочи со правдата

Горан Наумовски

(ВИДЕО) Стојаноска за средби Заев-Мицкоски: Не можам ниту да потврдам ниту да демантирам

Александар Тодески

Цаноски: Судијата Ристов има намера да го застари предметот ТНТ и да не добијам отштета од 11 милиони евра

Предраг Петровиќ