Во рамките на кампањата „Вистината за ДУИ“ претставниците на Јавното претпријатие „Јавни паркиралишта и зеленило“ – Гостивар, денеска на прес-конференција обелоденија повеќе наводни злоупотреби направени од страна на претходното раководство на претпријатието.
Од ЈПЗ соопштија дека наследиле долгови во износ од 85.000 евра, кои биле создадени поради непродуктивни трошоци и некапитални инвестиции, но само за фирмите кои добиле тендери. Неплатен бил и персоналниот данок на плати од јануари до септември 2017 во износ од 501.485.00 денари, иако, како што потенцираат имало доволно средства за исплата на данокот.
Од претпријатието посочија и дека претпријатието било оштетено за околу 1.000.000 денари, откако бил објавен тендер за одржување на јавните зелени површини и хортикултурно уредување што го добила приватна фирма во износ од 1.638.152 денари.
На прес-конференцијата беше соопштена и наводна злоупотреба во паркинзите од затворен тип во Гостивар, каде новото раководство обвини дека се работело со билети на рака и без фискална сметка.
„Само за споредба, месечните приходи од овие паркинзи биле просечно 15.000.00 денари, но сега се е фискализирано и од почетокот на работата на новото раководство, реалните приходи од паркингот од втората половина на месецот се 33.000.00 денари, а за месец декември изнесуваат 100.000.00 денари, што укажува дека приходите имаат раст до 660 проценти“, посочи претпријатието.
Тие побараа од поранешниот директор да даде објаснување зошто приходите биле толку ниски додека реалниот капацитет на овие паркинзи е сосема поинаков.
Кампањата „Вистината за ДУИ“ ја започна градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари. Во рамки на кампањата во континуитет се оддржуваат прес-конференции на кои се обелоденуваат наводни злоупотреби извршени од страна на поранешното раководство на Општина Гостивар, а кои ги констатирала внатрешната ревизија.