Опремата за прислушување в година се сели во нови простории. Од 1 ноември 2018 е предвидено да почне со работа оперативно-техничката агенција (OTA), во чија надлежност ќе бидат уредите за следење на комуникациите. Станува збор за независен државен орган кој ќе врши улога на медијација меѓу телекомуникациските оператори и институциите надлежни за следење на комуникациите. Оваа агенција, според законското решение, ќе има единствено техничка улога, односно само да го вклучува сигналот, но не и да преслушува – со ова се зајакнуваат контролните механизми за заштита од злоупотреба на прислушувањето, што треба да ја врати довербата во системот, уверува директорот на УБК, Горан Николовски, на брифинг со новинарите.
– Ако МВР или Царинската управа има наредба за следење на комуникациите, ја доставува до ОТА, која единствено ќе ги вклучи копчињата, но нема да има можност да слуша. ОТА нема ниту да знае кое лице ќе се следи со име и презиме, туку ќе има само број без идентитет. Материјалите ќе се враќаат до МВР, односно до Царинската управа или Управта за финансиска полиција, во зависност од тоа која институција побарала – вели Николовски.
Една од забелешките на Прибе била опремата за прислушување да биде надвор од просториите на УБК. Иако препораката била да биде кај операторите, овој модел не бил прифатлив затоа што во Македонија голем процент од сопствеништвото на операторите е со странски капитал, па оттука дошла потребата од формирање посебна институција. Од МВР сè уште не откриваат податоци колку вработени ќе има во ОТА и колку пари ќе се издвојат, ниту точната локација на Агенцијата. Единствено е познато дека директорот на агенцијата ќе го избира Собранието. Реформите се пресликани од хрватскиот модел, кој е најсличен со британскиот.
Додека да се формира новата агенција, прислушувањето ќе продолжи да се врши на стариот начин, во УБК, но министерсот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, уверува дека веќе нема злоупотреби бидејќи ја засилиле внатрешната контрола. Спасовски рече дека во овие шест месеци откако тој е на чело на МВР, нема пропусти во делот со прислушувањето, а потврди и дека подвижните базни станици за следење се запечатени и не се користат.
– Покрај собраниската комисија, која беше единствено надзорно тело, контрола ќе може да врши и граѓанскиот сектор, од кој ќе биде формирано ново тело – совет за граѓанска контрола. Тој ќе биде составен од пет лица, три од невладините организации и двајца експерти. Сите ќе се избираат преку јавен конкурс. Исто така, во надзорот на прислушувањето ќе бидат вклучени и народниот правобранител, Дирекцијата за безбедност на класифицирани информации и Дирекцијата за заштита на личните податоци – вели Спсовски.
За законските решенија биле консултирани и власта и опозицијата, уверува министерот Спасовски, кој тврди дека предлог-законот бил доставен до сите пратенички групи. Освен предлог-законот за ОТА, на синоќешната владина седница беа усвоени и предлог-закони за следење на комуникациите. Тие денеска биле доставени до Собранието и по празниците, се очекува да влезат во собраниска процедура.
Г.Н.Р