Мијалков не бил надлежен врз „алфите“ и затоа не треба да одговара за Бошкоски, напишала судијката

Од:

Нема oснови на сомнение дека ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, е поттикнувач на тортура против ексминистерот за внатрешни работи, Љубе Бошкоски, напишала судијката Моника Бахчовановска во оценката на обвинението во предметот „Тортура“, дознава „Макфакс“.

Судијката одлучила за тортура да одговараат само „алфите“, а не и Мијалков, бидејќи во време на апсењето на Бошкоски, Мијалков бил шеф на УБК, а надлежност за давање команди на „алфите“ имале одговорни лица од Бирото за јавна безбедност. Во образложението е напишано дека само од бомбите не може да се утврди дека Мијалков нарачува тортура. СЈО пак во обвинението ги предложило Љубе Бошкоски како оштетено лице, но и загрозен сведок кој би дал исказ под псевдоним во судот.

СЈО поднесе жалба на оваа одлука на судијката Бахчовановска. Сега на потег се апелационите судии, кои треба да ја поништат, потврдат или преиначат одлуката на судијката. Во третата бомба на опозицијата, можеше да се чуе како новинарот и бизнисмен Драган Павловиќ – Латас и ексшефот на УБК, Сашо Мијалков, договараат детали како да биде покриен во вестите на ТВ „Сител“ настанот со апсењето на Бошкоски.

Имињата на„ алфите“ што се обвинети дека ја спровеле тортурата врз Бошкоски се најдоа на листата помилувани функционери и службеници на претседателот на државата, Ѓорге Иванов. Освен командантот Ивица Антевски – Пуки, обвинети се и „алфите“: Новица Станковски, Јован Боцевски, Петар Милошевски, Филип Атанасов и Метуш Шабани. Судот по барање на СЈО им определи забрана за преземање определени работни активности поврзани со кривичното дело, односно им ги одзеде полициските овластувања. Покрај тоа, обвинетите секој петок најдоцна до 12 часот треба да се јавуваат на шалтер во кривичниот суд. Оваа мерка СЈО ја побара бидејќи „алфите“ му вршеле притисок на сведокот предложен токму од нив.

Според обвинението, на 6 јуни 2011 година, ден по изборите, Сашо Мијалков како директор на УБК, поради дискриминација по основа на поинаква политичка определба, ги навел обвинетите „алфи“ при лишувањето од слобода на Љубе Бошкоски да предизвикаат кај него душевно страдање. Во времето на апсењето меѓу 14.30 до 16.00 часот на паркингот пред ресторанот „Воденица“, без да постои каков било отпор од Љубе Бошкоски, употребиле прекумерна сила и закана и спротивно на уредбата за употреба на средства на присилба и огнено оружје ги пречекориле законските овластувања за употреба на средства за присилба.

Командантот Ивица Антевски – Пуки издал наредба кон другите обвинети полициски службеници со зборовите: „Легнете ги долу, долу, долу да се апсат на земја, на земја да се апси!“, „Легни го долу, легни го долу!“, по што „алфите“ со употреба на прекумерна физичка сила насилно го легнале на земја удирајќи го Бошкоски по нозете и држејќи го за рацете, го малтретирале, застрашувале и го навредувале со зборовите: „Шефот ми рече, шефот ми рече, осум години затвор не ти бегаат“, „Нека лежи ѓубрето!“, „Ајде сега нека лае против шефот“, „Пичка ти материна!“, „Предавник!“, „Ти дојде моментот!“, „Дојде моментот да се реванширам!“, „Да ти ја ебам жената!“ и други вулгарни зборови и пцости кон неговата мајка, сопругата и децата.

Обвинетиот полициски службеник Новица Станковски, според обвинителниот акт, на Бошкоски му го ставил и пиштолот на левиот образ упатувајќи му ги зборовите: „Бел ден да не видиш“. „Алфите“ потоа го ставиле пред полски тоалет со лицето кон вратата на тоалетот и во таква положба непотребно го држеле повеќе од половина час за да биде снимен од медиумите што претходно биле известени за настанот и за кои снимки, како и други снимки, обвинетиот Сашо Мијалков влијаел кај медиумите да бидат често емитувани на ударните вести.

Од Апелациониот суд за „Макфакс“ потврдија дека сè уште до нив не стигнала жалбата на СЈО за овој предмет, како и жалбата за изземање од обвинението на петтемина управни судии обвинети во предметот „Титаник 3“.

В. Маглешов

Би можело да ве интересира

Продолжува притворот за двете лица осомничени за грабнување на внукот на Љубе Бошкоски

A1on

(ВИДЕО) Хрватска го отфрли обвинението против Љубе Бошкоски за „Раштански Лозја“: Заврши мојот политички прогон од две децении

Маја Илиевска-Пачемска

(ВИДЕО) Бошкоски: Ревизорот откри 400 000 евра непокриени во кампањата на ВМРО-ДПМНЕ

Ана Ололовска

Груевски и Бошкоски за 27 април ќе се бараат со меѓународна потерница

Сандра Бошковска

Бошкоски и Плевнелиев разговараа за можностите за инвестирање

Наум Локоски

„Тортура“ снимка: Бошкоски повторно донесен на паркингот пред Воденица

Наум Локоски