Министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски и постојаниот координатор на ОН и претставник на УНДП во Македонија Луиза Винтон, денеска потпишаа Меморандум за соработка, со што започнува имплементацијата на проектот „Една точка на услуги“ и почеток на хоризонталната функционална анализа на јавната администрација.
Како што истакна министерот Манчевски, овие два проекти се од големо значење за граѓаните, со оглед на тоа, што Стратешка цел на Владата и МИОА е администрацијата да дава ефикасни, брзи, достапни и поефтини услуги на граѓаните.
Со проектот „Една точка за услуги“, граѓаните на едно место ќе можат да добијат повеќе од 40 услуги и информации и тоа од следните институции: Министерство за внатрешни работи, Министерство за транспорт и врски – Сектор за патен сообраќај и инфраструктура, Управа за јавни приходи, Агенција за катастар на недвижности, Агенција за вработување, Министерство за труд и социјална политика – Центри за социјална работа, Централен регистар, Фонд за здравствено осигурување, Управата за водење матични книги, Фондот за пензиско и инвалидско осигурување и Министерство за економија.
„Едната точка за услуги значително ќе го намали времето на чекање на граѓаните при добивањето на услугите. Шалтерите ќе даваат услуги за корисниците во две смени. Ова ќе биде голем чекор напред кон создавање на јавна администрација која ќе биде вистински сервис на граѓаните“, рече министерот Манчевски.
Министерот нагласи дека ова е само прва фаза од проектот кој понатаму треба да прерасне во „Центри за јавни услуги“, односно Една точка за услуги во повеќе градови во државата.
Во однос на хоризонталната функционална анализа на органите на државната управа и агенциите, министерот посочи дека процесот ќе започне со мапирање на сите институции во државата според вид, статус, надлежности и линии на отчетност и согласно резултатите од мапирањето, ќе биде изработен детален Каталог на институции што ќе биде јавно достапен.
„Анализата треба да даде реална слика за состојбата во администрацијата и да ги реши проблемите поврзани со отчетноста внатре во администрацијата и со преклопувањето на надлежностите. Овој вид на анализа се спроведува за прв пат во Македонија и треба да одговори на голем број на прашања и дилеми за тоа, кои промени се неопходни во администрацијата. Реорганизацијата на администрација ќе се прави согласно добиените резултати од функционалната анализа“, истакна министерот Манчевски .
Министерот воедно и се заблагодари на постојаниот координатор на ОН и претставник на УНДП во Македонија Луиза Винтон за помошта и поддршката во обезбедувањето на домашни и надворешни експерти за оваа анализа.