Претседателот на Собранието на Република Македонија, г. Талат Џафери, денеска оствари средба со потпретседателката на Република Бугарија, г-ѓа Илијана Јотова, која престојува во кратка работна посета на Република Македонија.
Посакувајќи ѝ топло добредојде, претседателот Џафери со задоволство ја констатираше динамиката на средби во изминативе месеци на сите нивоа, вклучително и на парламентарно ниво, како уште еден доказ за заедничките напори на двете земји за унапредување на меѓусебните односи.
Притоа, претседателот Џафери се заблагодари на поддршката која Република Бугарија ја дава на Република Македонија и нејзините аспирации за членство во НАТО и во Европската Унија. Република Македонија и нејзините институции посветено работат на усвојување на пакетот реформски закони во следните месеци, како и на подобрување на добрососедските односи, со надеж за добивање позитивен извештај од Европската комисија следната година. Во тој контекст, претседателот Џафери побара поддршка од Република Бугарија за време на нејзиното претседавање со Советот на Европската Унија за добивање датум за преговори за членство во ЕУ.
Потпретседателката Јотова се заблагодари на можноста за денешната средба и упати честитки до претседателот Џафери за неговиот избор, кој доаѓа во клучен момент на градење консензус за стратешки прашања што налагаат постоење на политичка стабилност во земјата.
Потпретседателката Јотова го информираше соговорникот за целта на нејзината работна посета и иницијативата за основање македонско-бугарски бизнис клуб, чија цел ќе биде позајакната соработка меѓу бизнис заедниците и меѓу општините на двете држави.
Во однос на евроатлантските аспирации на Република Македонија, потпретседателката Јотова искажа подготвеност Република Бугарија, за време на нејзиното претседавање со Унијата, да направи сè што е во нејзина можност, Македонија да добие датум за отпочнување на преговори за членство во ЕУ. Проширувањето не треба да биде само ветување, туку реалност за Република Македонија. За членството во НАТО, потпретседателката Јотова ги поздрави напорите на двете страни за изнаоѓање решение за проблемот со името.
Двајцата соговорници беа согласни дека ратификацијата на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Република Македонија и Република Бугарија треба да биде што поскоро ратификуван во Ппарламентите на двете држави, со широка парламентарна поддршка и дека по ратификацијата, истиот ќе отвори можности за конкретна соработка на многу полиња меѓу двете држави, вклучително и на полето на образованието, економијата и културата.