Илијана Јотова ќе биде новата претседателка на Бугарија, откако во вториот круг од претседателските избори освои убедливо повеќе гласови од противкандидатот Андреј Ѓуров, покажуваат податоците на бугарската Централна изборна комисија (ЦИК). Нов потпретседател на земјата ќе биде Кирил Валчев.
Според 99,95 отсто од обработените податоци од избирачките места во Бугарија, заклучно со 7:30 часот утрово, кандидатскиот двоец Илијана Јотова и Кирил Валчев освоил 57,581 отсто од гласовите, односно поддршка од 1.093.564 гласачи.
Нивните противкандидати Андреј Ѓуров и Георги Кандев добиле 749.543 гласа, односно 39,467 отсто од вкупниот број гласови.
Во графата „Не поддржувам никого“ се евидентирани 56.070 гласачи, односно 2,926 отсто.
Разликата меѓу двата кандидатски двоеца изнесува 344.021 глас.
Илијана Јотова со победата ќе стане првата жена избрана за претседателка на Бугарија.
По објавувањето на изборните резултати, Јотова синоќа на прес-конференција им се заблагодари на гласачите, на Иницијативниот комитет што ја номинираше и на политичките партии што ја поддржаа. Таа најави дека ќе работи на надминување на политичките поделби во бугарското општество, пренесе бугарската национална телевизија БНТ.
Посебна благодарност упати до премиерот Румен Радев и неговата политичка групација „Прогресивна Бугарија“.
„Сакам да ѝ се заблагодарам на „Прогресивна Бугарија“, на господинот Радев. Без вас немаше да успееме да го направиме ова“, рече Јотова.
Таа зборуваше и за мобилизацијата на гласачите во последните денови од кампањата, за што, како што посочи, придонеле партиите што застанале зад неа и Валчев, како и членовите на Иницијативниот комитет што ги номинирал.
„По оној притисок, по онаа омраза што се излеваше против овие луѓе, ниту еден од нив не се откажа, ниту еден од нив не нè предаде“, рече таа.
Јотова оцени дека воделе позитивна кампања, за разлика од нивните противници.
„Но денес, 1 ноември 2026 година, народот со своите гласови кажа – не така. Преку дијалог, разговор, во потрага по решение, соработка и координација со другите институции може да се донесат добри одлуки, а не кога вашата главна порака е да ги саботирате сите други“, изјави новата претседателка.
Новоизбраниот потпретседател Кирил Валчев истакна дека со Јотова успеале значително да ја зголемат поддршката од гласачите во вториот круг.
„Сакам да им се заблагодарам на Бугарите ширум светот кои гласаа. Јас ќе бидам уште еден гарант во претседателството за Бугарија во Европа, каде што таа е веќе 14 века, и за демократијата во нашата земја. Особено внимание ќе посветам на младите луѓе“, рече Валчев, пренесоа бугарските медиуми.
Јотова изјави дека е уверена оти ќе успее да ја обедини земјата. Таа откри дека противкандидатот Ѓуров ѝ ја честитал победата и ѝ посакал да биде достојна претседателка која ќе најде начин за дијалог со сите.
„Господинот Ѓуров се јави пред некое време да ми честита и да ми каже дека ќе бидам достоен претседател кој ќе најде дијалог со сите. Тој е убеден во ова“, изјави Јотова.
Честитки за победата упати и премиерот Румен Радев, кој им се заблагодари и на поддржувачите на „Прогресивна Бугарија“.
„За исклучително кратко време, тие постигнаа неверојатен резултат. Госпоѓо Јотова, се познаваме 10 години и убеден сум дека ќе бидете достоен претседател на Бугарија во тешките времиња во кои ќе ја носите оваа голема одговорност.
Денес Бугарите ја избраа иднината пред минатото. Тие избраа мир, стабилност, нормалност, одржлива и јасна перспектива. Завршуваме тешка изборна година, но насоката е јасна. Нема враќање кон собранијата и сенките на минатото од транзицијата.
За нас, овие избори ја потврдуваат исправноста на курсот што го зазедовме и нè охрабруваат за уште порешителни и поактивни реформи“, рече Радев.
Бугарскиот премиер ја коментираше и можноста за нови протести во земјата, наведувајќи дека секој има право да протестира за прашање што го смета за важно.
„Асен Василев ќе протестира до крај за буџетот, но тоа не значи дека на секои четири-пет месеци мора да одржуваме нови избори затоа што некој протестира. Да ја почитуваме демократијата – има луѓе кои се колнат во демократијата, но не ја почитуваат“, рече Радев.
На прашањето дали е подготвена да излезе од сенката на Румен Радев, во чиј претседателски мандат ја извршуваше функцијата потпретседателка на Бугарија, Јотова одговори дека нејзиното долгогодишно политичко искуство ѝ овозможува самостојно да ги носи одлуките.
„Со речиси 30-годишна биографија во политиката, немало човек кој може да ми каже што да правам“, рече новата претседателка.
Победата на Јотова и Валчев ја поздравија и другите политички субјекти што застанаа зад нивната кандидатура.
Петар Витанов, водач на пратеничката група на Бугарската социјалистичка партија, оцени дека успеале да го мотивираат гласачкото тело. Претседателот на партијата, Крум Зарков, ја опиша победата како голема, категорична и заслужена.
„Победи желбата на народот за мир“, изјави Красимир Каракачанов од ВМРО-БНД.
