Превозници со основна дејност „патнички транспорт“ работат како туристички агенции, а туристички агенции со Б лиценца продаваат аранжмани и организираат патувања како да имаат А лиценца, алармира Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора на Македонија.
Здружението бара банкарската да биде единствена гаранција за сериозноста на туристичките агенции, а не како досега, агенциите да се покриваат со осигурителни полиси. Неопходно е и да се смени категоризацијата. Наместо А и Б, да има други две категории: тур-оператори (кои ќе организираат патувања) и туристички агенции или продажни агенти (кои ќе ги продаваат аранжманите).
– Предлагаме измени на законите за туристичка и за угостителска дејност со кои треба да се надминат утврдените недоследности и да се стави ред во туристичката дејност. Од 519 регистрирани туристички агенции во Македонија, дури 100 се со основна дејност „патнички транспорт“, истакна заменик-претседателот на Здружението Славе Сирачевски.