Првата голема ерупција на вулканот Агунг на островот Бали е неминовна бидејќи лавата веќе започнала да излегува од вулканот, предупредија индонезиските власти.
– Она што во моментов го гледаме се мали експлозии, кои исфрлаат врели гасови и парчиња карпи и пепел, изјави експертот за вулкани од Универзитетот Оксфорд Дејвид Пајл и додава дека веројатноста од голема ерупција е висока, но не може да се прецизира кога ќе се случи.
Министерството за транспорт на Индонезија соопшти дека аеродромот на Бали ќе биде затворен и понатаму, а од индонезиската Агенција за катастрофи информираа дека 40 илјади луѓе се евакуирани, а треба да се евакуираат уште десетина илјади други.
Предупредувањето од ерупција на вулканот од вчера е на највисоко ниво.