Обвинетиот помошник-министер во случајот „Триста“, Ѓоко Поповски, се разболе. Адвокатите до Судот доставија медицинска документација дека е на боледување од 13-ти ноември.
Тој не доставил отворено боледување со прецизно отворени датуми, а адвокатката Сања Алексиќ рече дека терапијата му завршува на 16-ти ноември и потоа ќе биде познато дали ќе отвори боледување.
Фатиме Фетаи побара вештак да утврди дали со таа дијагноза Поповски не може да се појави во Судот.
„Обвинетиот е лимитиран во одење и седење, но не и во зборување, тој не е неподвижен“, рече обвинителката.
Фетаи исто така реагираше дека обвинетиот не доставил отворено боледување, туку дека имал само препорака да мирува.
Таа рече и дека човек кој е на смртна постела треба да се соочи со обвиненијата.
Главната расправа за случајот „Триста“ се одложува.
Ѓоко Поповски, поранешниот помошник-министер во МВР, е обвинет во предметот на СЈО познат како „Триста“ за злоупотреби со набавката на 300 возила за потребите на полицијата.
Тимот на Јанева за него бараше, но не доби притвор. Одземен му е само пасошот, а мора еднаш во неделата да се јавува во судот.
На 26 мај СЈО побара од Судот замрзнување на недвижен и движен имот на првообвинетиот во случајот „Триста“ откако оштетено лице пријавило имотно-правно побарување.
Кривичниот совет го усвои предлогот на СЈО. Апелацискиот суд одлучи во предметот „бомбите“ да бидат доказ во постапката. Предметот го суди Лидија Петровска.