Македонија ќе биде ко-организатор на Европското првенство 2022 година во ракомет за жени (од 4 до 20 ноември). Македонската ракометна федерација за првенството аплицираше заедно со федерациите на Црна Гора и на Словенија.
Ова е потврдено откако денеска Европската ракометна федерација (ЕХФ) го објави списокот на земји кандидати кои го минале првиот филтер. За овој шампионат има само една пријава заедничката на трите држави (Македонија, Црна Гора и Словенија).
Официјално шампинатот ќе биде доделен во јуни следната година на Конгресот на ЕХФ во Глазгов.
На тој состанок ќе се реши и за организацијата на Европските првенства за мажи 2022 година и 2024 година.
За шампионатите апликации имаат поднесено 11 федерации. За машкото ЕП 2022 година има три: заедничка на Белгија, Шпанија и Франција, заедничка на Данска и Швајцарија и заедничка на Унгарија и Словачка.
За машкото ЕП 2024 година има исто три кандидатури: Данска и Швајцарија (заедничка), Унгарија и Словачка (заедничка) и Германија.
За женското ЕП 2024 година до ЕХФ не пристигна ниту една апликација.