Утре во перуанската престолнина Лима ќе стартува најпознатото светско рели, Дакар. Трката е долга 8.400 километри, стартот е во Лима а целта во Сантијаго де Чиле, каде оние кои ќе ја завршат трката ќе пристигнат на 20. јануари.
Овогодишното издание на Дакар релито наиде на остри критики од палеонтолозите, кои тврдат дека оваа масовна трка, во која ќе учествуваат 450 возила, сериозно ги оштетува фосилите на китовите и делфините, кои датираат од пред 20 милиони години.
Најтешкото светско рели премиерата ја имаше во 1978 година, до пред пет години стартуваше од Париз и се возеше низ Сахара до Дакар.
Откако организаторот се соочи со сериозни безбедносни проблеми во Африка, реши трката да ја пресели на јужноамериканскиот континент.
Но и на јужноамериканска почва работите не одат онака како што посакува организаторот, во последните пет години загинаа 60 луѓе од кои 25 натпреварувачи. Пред една година, на првата етапа, животот го загуби Аргентинецот Хорхе Мартинез Боеро.
Оваа година за безбедноста ќе се грижат 150 лица, како и 60 доктори и хирурзи, на кои на располагање ќе им бидат пет хеликоптери и десет медицински возила, со кои ќе ја надгледуваат трката.
Титулата во конкуренција на автомобили новата година ќе ја брани десеткратниот шампион, францускиот ас Стефан Петерхансел. Најголеми конкуренти за титулата ќе му бидат Шпанецот Карлос Саинц и Катарецот Насер Ал Алтијах, кои победуваа во 2010, односно 2011 година.
Кај моторциклите шампионската титула ја брани Сирил Деспре од Франција, кој поради отсуството на Шпанецот Марк Кома е единствениот фаворит за титулата.
На Дакар релито 2013 ќе настапи и Тодор Христов, кој ќе влезе во историјата на македонскиот мото спорт, како прв учесник со македонска лиценца на најпрестижното светско рели. Христов е пријавен во класата на квадови (четвороцикли) во која има вкупно 39 учесници.