Основниот суд Скопје 1 денеска побарал од Специјалното јавно обвинителство да им достави уште еден оригинален примерок од обвиненијата за Горан Грујевски и Никола Бошкоски за комплетирање на документацијата за нивна екстрадиција.
Судот веќе ги има оригиналните обвиненија, но потребен е уште еден оригинален примерок, како што појаснуваат од СЈО, бидејќи не може во барањето за екстрадиција да се испратат копии.
Од СЈО велат дека до Кривичниот суд во најкус можен рок ќе бидат доставени примероци од обвинителните акти.
Грујевски и Бошкоски се обвинети од СЈО за нелегално прислушување и за уништување на системите за прислушување, случаи познати како „Тврдина“, „Таргет“ и „Тврдина 2“.
Двајцата беа уапсени од грчката полиција на аеродромот во Солун на 18 октомври, при обид со лажни бугарски пасоши да заминат со авион за Будимпешта.
Скандалот со прислушувањето во Македонија почна во 2015 година и предизвика политичка криза во земјата.