Рускиот државен академски народен хор „Митрофан Пјатницки“ вечер ќе одржи концерт во Македонскиот народен театар, каде што претходно ќе биде отворена и изложбата „Добата на Григорович“ посветена на историјата на рускиот балет.
Настаните се дел од програмата на Деновите на руската култура во Македонија кои денеска и утре ќе се одржат во Скопје и Струмица.
Утре во Македонската филхармонија заеднички концерт ќе имаат солистите од Русија – Олга Артјугина, Василиса Бержанскаја, Рустем Хамидулин со оркестар составен од членови на Македонската филхармонија и Македонската опера и балет, под диригентство на Бисера Чадловска.
Хорот „Митрофан Пјатницки“, кој вечер гостува во Скопје, утревечер ќе има концерт и во Центарот за култура „Антон Панов“ во Струмица.
Манифестацијата е врз основа на Протоколот меѓу министерствата за култура на Руската Федерација и Република Македонија за организирање меѓусебни денови на култура на двете земји во 2017-2018 година. Влезот за сите настани е слободен, соопшти Руската амбасада во Скопје.