Државната изборна комисија попладнево ги соопшти првичните резултати од гласањето на шестите локални избори кои се одржаа вчера. Конечни ќе бидат по завршувањето на рокот за приговори кој трае 48 часа по завршување на гласањето.
– Точен број каде изборите завршиле во прв круг може да соопштиме кога резултатите ќе станат конечни, односно кога ќе заврши постапката за одлучувања по приговори и тужби. Подносителите на листи имаат право и на судска заштита, односно да поднесат тужба до Управниот суд. Откако ќе заврши целата таа постапка, можеме да ги објавиме конечните резултати и тогаш ќе имаме точна претстава во колку избирачки места изборите завршиле во прв круг, а во колку општини ќе има втор круг, рече претседателот на ДИК Александар Чичаковски.
Чичаковски го соопшти ставот на ДИК за спроведените избори.
– Вчера го дадовме генералниот став дека изборите се спроведоа согласно закон во фер и демократска атмосфера, рече претседателот на ДИК.
Вкупен број избирачи запишани во Избирачкиот список има 1.814.634. Гласањето се спроведуваше на 3.480 избирачки места. Вкупен број избирачи кои гласале е 1.076.451 гласач или 59,55 проценти. Важечки гласачки ливчиња се 1.030.945, а неважечки ливчиња за гласање 45.343.
Процентот на избирачи што гласале е според добиените податоци од избирачките места, а од десетина места се уште не се пристигнати податоци во ДИК. Податоците се врз основа на пристигнати оригинални записници, протоколи, од општинските изборни комисии и од изборната комисија на Град Скопје.
За Град Скопје рече дека обработката на податоци е најасложена затоа што се гласа и за градоначалник и за советници и дел од протоколите се уште се примаат. Посочи и дека резултатите за Град Скопје се врз основа на доставени податоци по електронски пат и сукцесивно.
Во избирачкиот список за Град Скопје се запишани 461.312, а процент на избирачки места од кои пристигнале и се обработени податоци е 98,39 проценти. Вкупен број запишани избирачи во избирачки места од кои се обработени податоците е 453.950, а вкупен број избирачи кои гласале во избирачките места од кои се обработени податоците е 276.094, а процент на избирачи кои гласале е 60,82.
Според 98,39 проценти пристигнати и обработени податоци, Петре Шилегов од СДСМ освоил 138.798 гласа (50,27 проценти од избирачите кои гласале), а Коце Трајановски од ВМРО-ДПМНЕ освоил 99.720 гласови (36,12 проценти од избирачите што гласале)
Ги соопшти и освоените гласови на останатите кандидати за градоначалник на Скопје: кандидатот на Народно движење на Македонија-НДМ Ѓорѓи Тодоров добил 934 гласа (0,34 проценти од тие што гласале), кандидатот на Алијанса на Албанците Наим Бајрами добил 6.085 гласа (2,20 проценти), кандидатот на ТМРО Ванчо Шехтански добил 1.448 гласа (0,52 проценти), Нафие Селмани од БЕСА добила 11.536 гласови (4,18 проценти од избирачите што гласале), Беким Фазлиу од ДПА освоил 1.419 гласови (0,51 процент) и Марија Џонс од Левица освоила 4.815 гласови (1,74 проценти).
Податоците со резултатите од гласањето за сите општини ДИК ги стави на својата веб-страница на увид на целата јавност.