Жителите на Американската Самоа, во јужниот Пацифик, последни на планетата ја дочекаа Новата 2013 година, откако еден час претходно истото го сторија и жителите на Хаваи и американскиот Западен брег.
На Хаваите на големо се славеше на плажите, од Ваикики до Олина, иако наголемото славење беше организирано во Хонолули, каде со величествениот огномет, жителите и нивните гости ја дочекаа Новата година.
Милиони луѓе ширум светот ја дочека новата 2013 година со спектакуларни огномети на плоштадите низ главните градови.
Најголемо внимание предизвика прославата во Њујорк, каде околу милион луѓе ја дочекаа Новата година на Тајмс сквер. Уште околу милијарда лица преку своите ТВ канали гледаа како на овој најпознат њујоршки плоштад традиционално се спушта светлечката кристална топка во последната минута од старата година.
Во Рио де Жанеиро повеќе од два милоони лица се собраа на плажата Копакабана, каде од огромниот видеобим се читаше новогодишната порака долга 16 минути.
Сликата од огнометот во Сиднеј меѓу првите го обиколи светот во новата година. Два часа пред нив во Новата година влегоа жителите на Нов Зеланд.
Во Хонг Конг беше подготвен досега најскапиот огномет, што властите ги чинеше околу 1,6 милиони долари, а на кој како што се претпоставува присуствуваа околу 100.000 лица.
За прв пат Новата година со официјален дочек се празнуваше во Мјанмар, на главниот плоштад во Рангун, и во Северна Кореја каде исто така имаше новогодишен огномет.