За 17,5 проценти е зголемен бројот на новородени деца во акушерското одделение на општата болница во Кавадарци во 2012 година, споредено со 2011 година, информира началникот на акушерското одделение при општата болница во Кавадарци, примариус доктор Бранко Поповски.
За зголемување на наталитетот, смета тој, има влијание и политиката на Владата, проектот за стимулации за трето и четврто дете.
– Последните десетина години не сме имале бројка од 581 новороденче како што имавме лани, потенцира синоќа Поповски, откако информира дека е женско првото родено бебе оваа година во Кавадарци.
Градоначалникот на Кавадарци Александар Панов го посети првороденото бебе на Кавадарци за оваа година и го даруваше со подароци.
– Раѓањето на женско дете симболизира просперитет, плодност, бериќет. Се надевам дека и натаму ќе ни се зголемува наталитетот во општината и странските инвестиции, рече Панов.
Кавадарчанката Марија Димовска преку царски рез го роди своето прво дете. Бебето е тешко 3.450 килограми и долго52 сантиметри.