Во дворот на Средното економско училиште во Гостивар, на улица „Живко Брајковски“, вчера околу 13.10 часот дошло до меѓусебна тепачка помеѓу две групи ученици од гимназијата, економското, индустриското и медицинското училиште, како и други засега непознати лица кои не се ученици, соопшти денеска МВР.
Според Министерството, во тепачката биле користени тврди и остри предмети со кои им биле нанесени повреди на 17-годишно лице, кое се здобило со убодна рана во пределот на левата страна на градниот кош и уште едно 16-годишно лице кое се здобило со убодна рана во горниот дел на грбот, (двајцата од с. Врапчиште-Гостивар) и тие се пренесени во Ургентниот центар во Скопје.
Подоцна е добиено известување дека е повреден и С.А. (18) од с. Врапчиште, кој се здобил со расекотина на лево рамо, а по укажаната лекарска помош во Медицински центар-Гостивар е пуштен на домашно лекување, се додава во соопштението на МВР.
Како сторител е посочено лице од с. Чегране, кој е во бегство и се трага по него. За настанот е известен Јавен обвинител и се преземаат мерки за расчистување на случајот.