Претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев, придружуван од министрите за надворешни работи Никола Димитров, за образование и наука Рената Дескоска и за труд и социјална политика Мила Царовска, се сретна со министрите за надворешни работи на Кралството Шведска Маргот Валстром и на Република Финска, Тимо Соини.
„Иднината на Република Македонија е во Европската унија, ги охрабруваме и ги поддржуваме реформите на Владата што водат кон евроинтеграции на земјата“, е пораката што ја пренесоа министрите од Шведска и Финска, на премиерот Заев. Министрите Валстром и Соини изразија почитување за политиките на пријателство што ги водат премиерот Заев и Владата и низ коишто ги решаваат прашањата од интерес за сите граѓани и за државата. Исто така двајцата министри ги соопштија ставовите на нивните држави за поддршка на проширувањето на ЕУ.
Претседателот на Владата, Заев соопшти дека Владата на Република Македонија низ инклузивни политики во земјава и добри пријателски односи со соседите ги отвора евро-атлантските перспективи, затоа што стратешка цел на Македонија е членството во ЕУ и НАТО, што за државата значи стабилност и безбедност, но и поголем интерес за инвестирање во Македонија и развој на економијата.
-Веќе ги заокруживме реформите од тримесечниот рок предвидени во Планот 3-6-9 со коишто градиме независни институции, судство, медиуми… според европските стандарди, а со тоа ќе го подобриме и квалитетот на живот на граѓаните, рече премиерот Заев, кој пренесе и очекување за позитивни придвижувања на Македонија но и на целиот регион кон евро-атланските цели.
Премиерот Заев се заблагодари на шефовите на дипломатиите на Кралството Шведска и на Република Финска за поддршката и пријателството кон Република Македонија и најави примена на успешни примери од двете држави во реформските процеси во земјава, како што се искуства од успешниот модел на образованието во Финска и одржливите решенија од моделот на обновливи извори на енергија од Шведска.
На средбата е заклучено дека евро-атлантските перспективи ќе значат за Република Македонија и за целиот регион напредок на економски план, социјален развој и мирна иднина, што ќе ги мотивира младите луѓе да ја гледаат и планираат својата иднина во родната земја. Констаирано е, исто така, дека добра иднина за сите носи концептот на Владата за изградба на Република Македонија во едно општество за сите.
Заедничката посета на министрите за надворешни работи на Кралството Шведска Валстром и на Република Финска, Соини, кои споделија искуства за посветено заедничко решавање на прашања од интерес на граѓаните на двете земји, е заеднички оценета како силна позитивна порака, колку е важно меѓусебното почитување на соседите и државите, што води кон заеднички напредок и успех.