Изминатите години не се вложувало во службите на Фитосанитарната управа и на Агенцијата за храна и ветеринарство на граничниот премин Деве Баир, а инспекторите работат во исклучително лоши услови, без елементарни услови за контрола на пратките од увоз, заклучи министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство Љупчо Николовски по денешната посета на терминалот.
Николовски, како што информира неговиот Кабинет, беше во придружба на директорите на Царинската управа на Република Македонија и на Државниот инспекторат за земјоделство, Ѓоко Танасоски и Јане Станкоски.
– Функционирањето на инспекторските служби на граничниот премин Деве Баир е од исклучително значаење за Република Македонија, бидејќи се работи за премин преку кој има голем проток на пратки од растително и животинско потекло од Бугарија, Турција, Кина и од други азиски земји, а контролата на увозните пратки е важна за здравјето на граѓаните, животните и растенијата, рече Николовски.
Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство ќе работи на јакнење на капацитетите на овие две институции на граничните премини, бидејќи од нивната работа, наведува, зависи безбедноста и квалитетот на производите што се увезуваат во Македонија.