Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска во Скопје се сретна со министерот за надворешни и европски работи на Големото Војводство на Луксембург, Жан Аселборн.
На средбата, како што информираат од Кабиентот на Иванов, шефот на државата изразил задоволство од пријателските односи меѓу Република Македонија и Големото Војводство на Луксембург и ја посочил потребата од јакнење на севкупните билатерални односи и меѓусебната соработка. Во таа насока, македонскиот претседател ја потенцираше важноста од унапредување на политичкиот дијалог на високо ниво и искористување на потенцијалните можности за развој на економската соработка.
Биле разменети мислења и информации во однос на македонските перспективи за членство во Европската унија и НАТО. Претседателот Иванов се заблагодарил за приниципиелната поддршка од Луксембруг, при што двајцата соговорници се согласиле за неопходноста од динамизирање на евроатлантските процеси на Република Македонија и продолжување на политиката за натамошно проширување на ЕУ и НАТО.
Претседателот Иванов и министерот Аселборн разменија мислења за состојбите во регионот и актуелните предизвици со кои се соочува Европа и Европската унија. Во контекст на мигрантската криза и се поголемите безбедносни предизвици со кои се соочува европскиот континент, македонскиот претседател ја потенцираше потребата од интензивирање и унапредување на безбедносната билатерална соработка во европски и светски рамки.