Најмалку 14 лица се удавија во близината на бреготѕ на Бангладеш, кога се преврте брод со кој се превезувале група Рохинџи, потврдија полициски извори за Ал Џезира.
– Телата на девет деца и пет жени беа пронајдени во заливот, соопшти официјалниот претставник на локалната власт, Мохамед Маунадин. Се стравува дека бројот на загинатите е многу поголем, со оглед на тоа што бродот со кој бегале Рохинџите од Мијанмар бил претоварен. Се претпоставува дека на бродот имало повеќе од 100 лица, иако пловилото имало значително помал капацитет.
Бројот на бегалците Рохинџи, кои од крајот на август побегнале од насилствата во Мијанмар во Бангладеш, денеска ја премина бројката од половина милион.
– До 27 септември регистрирани се 501.800 бегалци, соопштија денеска ОН и невладините организации во најновиот извештај за тамошната ситуација.
Рохинџите, муслиманско малцинство кое живее во западниот дел на мнозински будистичкиот Мјанмар, бегаат од воената офанзива на војската на оваа држава, која беше покрената на 25 август како одговор на нападите извршени од Рохинџи бунтовници.