Најдобриот играч на Евробаскет 2017, Горан Драгиќ кој ја предводеше својата репрезентација Словенија до шампионскиот трофеј, вчеравечер соопшти дека се повлекува од репрезентацијата, но денот покрај збогување со националниот тим ќе го памти и по друго нешто.
Имено, новинарите на словенечката телевизија ТВ Планет, на Драгиќ му врачија дрес од Дражен Петровиќ од Њу Џерси кој му го испрати мајката на легендарниот хрватски кошаркар.
Овој момент Драгиќ емотивно го доживеа и се расплака пред камерите.
– Еден од најубавите подароци во мојот живот. Дражен ми беше идол. Тој е легенда на југословенската и светската кошарка. Ми беше чест да го носам дресот со бројот 3. Нека почива во мир, изјави МВП на ЕП 2017.
Дражен Петровиќ кој предвреме го загуби животот во сообраќајна несреќа, во НБА клубот Њу Џерси настапуваше со бројот 3.