Здружението за истражување, анализи и развој „Зелена лупа” како иницијатор за поведување постапки пред Советот за утврдување на фактите против судиите инволвирани во случаите „Таргет“ и „Тврдина“ го поздравува отпочнувањето на постапката за утврдување на нивната одговорност и обидот за влез на членовите на Советот во зградата на Врховниот суд.
Откако претседателот на Врховен суд Јово Вангеловски забрани членовите на Советот за факти да извршат увид во наведените предмети, од „Зелена лупа“ прашуваат од што се плаши Вангеловски и зошто ја активирал судската полиција да не им се дозволи на членовите на Советот да влезат во зградата на Врховниот суд и извршат увид во предметите ако постапувал согласно законите во случаите „Таргет“ и Тврдина“.
„Зелена лупа“ потсетува дека на 10 август по консултации со експертскиот тим поднесе кривични пријави и иницијативи за одговорност за судиите: Ленка Давитковска, Татјана Михајлова, Дијана Груевска, Лилјана Шопова, Сафет Кадриу, Цветанка Периќ, Јово Вангеловски, Фаик Арслани, Ристо Катавеновски и Џемаил Саити, сите инволвирани во случаите „Таргет“ и „Тврдина“.
– „Зелена лупа”, членовите и експертскиот тим се горди што по легален пат први почнаа да го рушат судско-мафијашкиот систем кој им натежна на граѓаните на Република Македонија, пишува во соопштението на Здружението за истражување, анализи и развој „Зелена лупа”.