Лидерката на шкотските ториевци Рут Дејвидсон ја обвини британската ториевска Влада за неподготвеност да ги почне преговорите со ЕУ за Брегзит.
Во интервју за списанието „Њу Стејтсмен“ таа изрази загриженост дека поради тоа, Велика Британија не ќе може да се опорави по економскиот удар што според неа ќе уследи од излегувањето на земјата од ЕУ.
– Владата не само што самата не е подготвена, туку не ги подготви ниту Британците за реалноста што ја носи со себе Брегзит, посебно за преговорите за раздружувањето и за сметката за разводот со ЕУ, истакна вели Дејвидсон.
Во текот на кампањата за референдумот за ЕУ, од јуни минатата година, таа водеше кампања за останување на Велика Британија во ЕУ, за што се определи и голем дел од шкотските гласачи.
Дејвидсон истакна дека Брегзит е готова работа, но дека таа стравува од контра-ефектите од заминувањето од Унијата.
– Дури и да се случи контра-ефектите да се краткотрајни, не знам како земјата и посебно економијата, ќе се повратат од тоа, предупреди шкотска политичарка од редовите на владеачката британска Конзервативна партија.
Таа ја поддржува Тереза Меј во сегашната ситуација кога ториевците и владата се поделени околу Брегзит и страгегијата за преговорите, но смета дека владата започнала со преговарачкиот процес без да знае што сака да постигне.
Нејзината критика доаѓа во време на криза во преговорите кои се обелоденија на крајот од третата рунда, што заврши минатата недела, кога шефовите на двете преговорачки екипи, Мишел Барние од ЕУ и Дејвид Дејвис од британската страна, меѓусебно се обвинуваа за очигледниот застој.
Дејвидсон посочи дека таа не верува оти и Велика Британија била подготвена за излегување од ЕУ кога се определи за Брегзит, а уште помалку за тоа како тоа изгледа и што ќе донесе за земјата и за оние кои гласаа за едно вака радикално решение.
Рут Дејвидсон се споменува како една од претендентите за за наследник на Тереза Меј, но во Единбург повеќе веруваат дека нејзина цел не е позицијата на Меј, туку на актуелниот прв министер на Шкотска, Никола Старџен, која сака да ја порази на следните избори во 2021 година.