Жителите на Крива Паланка и на Ранковце за да извршат промени на лични податоци во Избирачкиот список треба да се обратат во канцеларијата на Државна изборна комисија (ДИК) во Куманово.
Подрачната канцеларија на ДИК во Крива Паланка од шести август годинава не е во функција поради пензионирање на лицето вработено во канцеларијата, па сите граѓани од Крива Паланка и Ранковце кои сакаат промена на лични податоци по основ на брак, развод или промена на адреса, ќе мора да ги впишат промените во најблиската канцеларија во Куманово.
– Граѓаните можат да извршат увид во списокот и по електронски пат, но и во дополнителните канцеларии во општините. Доколку сакаат да извршат промени на податоци, жителите на Крива Паланка и Ранковце мора да се обратат во подрачното одделение на ДИК во Куманово бидејќи канцеларијата во Крива Паланка не работи. Граѓаните промената на лични податоци мора да ја извршат лично, единствено во надлежна канцеларија на ДИК, изјави Љупка Гугуческа, портпаролка на ДИК.
Од матичните одделенија по службена должност единствено се врши ажурирање на Избирачки список само со достава на податоци за починати лица.
Во Крива Паланка е отворена дополнителна канцеларија во Единиците на локална самоуправа која има овластување само за јавен увид во Избирачки список и собирање потписи за независни кандидати за градоначалници и независни кандидатски листи за советници. Рокот за поднесување листи истече ноќеска на полноќ, додека увидот во избирачкиот список трае до деветти септември.
Дополнителната канцеларија во Крива Паланка се наоѓа во зградата на општината, а сите граѓани кои во претстојните денови сакаат да извршат увид во Избирачкиот список може да се обратат кај лицето за контакт, Сашко Додевски.