Бројот на жртвите во судирите меѓу будистите и муслиманите во западните региони на Мјанмар за една недела достигна 402 лица, соопштија владини извори.
Според претходните информации, смртниот биланс изнесуваше 109 лица. Војската уби 370 бунтовници Рохинги – муслиманско малцинство во Мјанмар. Бунтовниците, пак, убиле 17 цивили и 15 полицајци и војници.
Во западната провинција Рахин, често избиваат судири меѓу претставниците на будистичкото мнозинство во Мјанмар и муслиманското малцинство – Рохинги. Во текот на последните години, во вакви судири загинаа илјадници лица.
Ситуацијата драстично се влоши на 25 август, кога стотици муслимански бунтовници од движењето „Араканска армија за солидарност на Рохингите“, што властите ја сметаат за терористичка организација, извршија напади врз 30 полициски и гранични позиции. Новите напади дојдоа еден ден откако беше објавен конечниот извештај на меѓународна комисија, предводена од поранешниот генерален секретар на ОН Кофи Анан, за ситуацијата во провинцијата Рахин.
Во извештајот на комисијата се повика Мијанмар да им даде повеќе права на Рохингите, особено повеќе слобода на движење, бидејќи во спротивно постои ризик тие да се радикализираат. Властите одговорија со воена контраофанзива, што потоа предизвика бегалски прилив на илјадници Рохинги, кои бегаа од завојуваните подрачја. Многумина од нив тврдат дека биле подложени на ужасни злосторства од страна на армијата на Мјанмар, кои вклучувале групни силувања, тортура, и масакри.
Околу 38.000 Рохинги преминале од Мјанмар во Бангладеш, јавија извори на ОН, кои спроведуваат хуманитарни активности во јужниот дел на Бангладеш.