(ВИДЕО) Интервју со Димовски: Ќе барам отштета од СЈО, остро ќе се спротивставиме на одложување на локалните избори

Од:

ВМРО-ДПМНЕ остро ќе се спротивстави на ново поместување на локалните избори, ако некој има намера да ги одложи уште еднаш треба да каже во јавноста. Нема начин повеќе на граѓаните да им кажете „чекајте, вие нема сега да одлучувате за вашата иднина, ќе одлучувате подоцна“, вели во интервју за А1он пратеникот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Илија Димовски. Тој смета дека е обвинет за злосторничко здружување од страна на СЈО затоа што зборувал многу во собранието и најави тужба откако ќе завршат судските процеси.

Десет пратенички групи, 51 пратеник. Дали го сторивте тоа навистина да ја научите на „памет“ Владата или пак не сте толку единствени како што ви е слоганот?

Димовски: Ние не го направивме тој чекор во момент кога почнавме со работа во Собранието, туку оставивме период од педесетина дена да видиме каков ќе биде односот на владејачкото мнозинство, господинот Талат Џафери и Владата. Видовме премногу постапки кои не одеа во линија на тоа што беше ветувано, во смисла на инклузивност, подадена рака, конструктивност, вклучување на опозицијата за многу работи, од договорот со Бугарија, разговорите со Грција, планот 3-6-9, избор на генерален секретар, директор на државната агенција за администрација, за сите тие работи.

Проценивме дека е добро уште од сега да покажеме дека овие пратеници имаат сила и капацитет да се спротивстават на сите штетни политики. Не го користиме тоа право целосно, нема ден во кој сме побарале повеќе од една или две паузи, нема ден кога во целост сме одолговлекувале со дискусии, но е одговор после 50 дена на исклучивоста која ја имаат кон нас. Тие пратенички групи ќе дејствуваат адекватно со односот кој ќе го имаат мнозинството и владата кон нас. Доколку е коректно, со подадена рака и не вклучат во процесите, Собранието ќе работи динамично. Ако се обидат да носат закони кои се спротивни на интересите на Република Македонија, доколку се спротини на интересите на граѓаните, ќе се спротивставиме.

Што е тоа што е пречка да се потпише договорот за добрососедство со Бугарија?

Димовски: Добивме три четири листа хартија, но според закон сме обврзани да чуваме државна тајна, затоа што сето тоа е класифицирано и сме обврзани според безбедносните стандарди и безбедносните стандарди. За содржината треба да зборуваат министерот за внатрешни работи и премиерот. Тие имаат многу едноставна постапка да го декласифицираат договорот и да го објават без никаков проблем и јавноста да види тоа што ние видовме. Кажавме дека ако биде потпишан во формата во која ние го видовме, договорот ќе биде исклучително штетен за Македонија, дадовме пет рационални забелешки без да навлегуваме во партиски или политички препукувања.

Дали кога ВМРО-ДПМНЕ беше на власт и нудеше на опозицијата инклузивност и зошто сега ги барате тие удобности?

Димовски: Кога се носеа документи како на пример планот 3-6-9 беа повикувани координаторите на пратеничките групи да кажат свое мислење за таквите документи. Овој пат, Владата не само што не ја испочитува опозицијата, не го испочитува ниту владејачкото мнозинство, па дури и ставија во документот што Собранието треба да направи. Тоа е симптом дека нешто не е во ред. Драстично е влошено од тоа што беше претходно, а беше ветувано многу повеќе. Се надеваме дека овие симптоми ќе бидат привремени и ќе бидат отстранети од дневната динамика на Владата.

Обвинувате дека Владата ја задолжува државата. Дали со тоа признавате дека и вие сте се задолжувале премногу?

Димовски: Тие нас не критикуваа дека многу сме се задолжувале и создаваа хистерија дека државата е премногу задолжена, а тоа не беше точно затоа што секогаш сме биле помеѓу трето и петто место од долу по задолженост, по задолжени од нас беа други тиресетина држави. СДСМ ветуваше дека ќе го стави во нормална рамка задолжувањето. Наместо тоа, предвивуаат нови задолжувања. Ние земавме средства, но влегуваа во стопанството. Со ребалансот, СДСМ предвидува помалку вакви средства. Кратат од изградба на училишта, сали, водоводи, стопираат автопати, експресни патишта, се што значи инвестиции се запира, а се зголемува задолжувањето.

Апелација одлучуваше по предметите на Специјалното јавно обвинителство. Вашиот пасош е одземен и сте обвинет за злосторничко здружување. Го сторивте тоа?

Димовски: Единствено сум виновен заради тоа што премногу зборувам во Собранието, се друго го гледам и го чувствувам како еден политички притисок врз мене, така се однесувам и така ќе продолжам да се однесувам кон тоа. Сигурен сум дека низ една нормална постапка во судовите во одреден период ќе се докаже што е вистина а што не, а потоа секако ќе си ја барам правдата во насока на барање отштета од сите политички обвинувања кон мене.

Доколку сметате дека не сте виновни, зошто не го продолживте мандатот на СЈО?

Димовски: Мандатот е договорен во пржинскиот договор заедно со десетина други теми. Било каква промена во било кој сегмент значи отварање и рекомпонирање на тој договор, тоа е едната работа која е невозможна, а втората работа е тоа што СЈО не ја положи оцената дека ќе биде транспарентна. Да имате 100 обвинителни акти кон луѓе од една партија е очигледна тенденција и на сите им е јасно тоа. ВМРО било и ќе биде, СЈО беше и нема да биде. Времето минува, вистината ќе си излезе на виделина, некој еден ден ќе се срами од своите постапки.

Се појави Републичкиот штаб за реформи на ВМРО-ДПМНЕ. Сметате дека се потребни навистина реформи во вашата партија?

Димовски: Во целосното постоење на ВМРО-ДПМНЕ се појавија можеби дваесетина такви реформатори, во еден момент мислам дека имаше 11 партии со предзнакот ВМРО, но сите тие расцепи завршувале со обединување. Реката се одвојува на едно место, па повторно се враќа во матицата. Суштински, проблемите се рашаваат дома, не се решаваат во дворот, уште помалку во дворот на комшијата. Тие луѓе ги познавам, мислам дека имаат можност да пристапат до органите и таму да се решаваат проблемот.

Ако се решаваат проблемите дома, зошто тогаш реформаторите се разрешени од партиските фунцкии?

Димовски: Немам таква информација, мислам дека повеќето од нив немаа некои значајни партиски функции, но во минатото биле и имале можност да пристапат до органите на партијата.

Се ближи датумот кога ќе се закажат локалните избори. Дали за вас е прифатливо ново одложување?

Димовски: Веќе не сме држава со одложување на изборите, парламентарните избори ги одложивме два пати, локалните еднаш. Ако некој има намера да ги одложи уште еднаш треба да каже во јавноста. Нема начин повеќе на граѓаните да им кажете „чекајте, вие нема сега да одлучувате за вашата иднина, ќе одлучувате подоцна“. ВМРО-ДПМНЕ ќе биде остро против одложување на локалните избори заради тоа што тоа е спротивно на интересите на демократијата, тие треба да се одржат ден побрзо.

Александар Тодески

Би можело да ве интересира

ВМРО-ДПМНЕ: Цели 13 години на ДУИ додека беше на власт не му сметаше што Јени Џамија е споменик на културата

СДСМ: Власта на Мицкоски и ДПМНЕ не прифати покачување на платата на полицајците за 20 отсто

(ВИДЕО) Левица: ДПМНЕ предизвикувајќи тепачка избегна да одговори зошто не ја укина историската комисија

ВМРО-ДПМНЕ: Јавноста имаше можност да ја види целата мизерија на СДС и Левица

Горан Наумовски

Лозановска: Трагата од претходната влада е загаден воздух, седум години крадење и празни ветувања

Мицевски: Изразувам огромна згрозеност од недоличното, безобразно и срамно однесување на претседателот на Левица и пратеник, Димитар Апасиев

Горан Наумовски