Вкупно 32 од 59 проекти се селектирани во следната фаза од четвртиот повик за финансирање на старт ап и комерцијализација на иновации на микро, мали и средни претријатија што го распиша Фондот за иновации.
Од нив, 16 се проекти за добивање грантови за новоосновани старт ап и спин оф компании, а 16 за грантови за комерцијализација на иновации.
Најголем дел од претселектираните предлог-проекти се во областа на информатичките и комуникациските технологии, каде има скоро половина од поднесените проекти. Застапени се и предлог проекти во областа на маркетингот, прехранбената индустрија, производството, образованието, трговијата на големо, спортот, забава и рекреација и управувачките дејности.
Од Фондот за иновации најавуваат дека следните денови нивни претставници ќе спроведат теренски посети кај дел од апликантите со цел да се сретнат со менаџментот, да се направи увид на терен и да се обезбедат дополнителни информации за проектите. Последната недела од јули претприемачите чии проекти се претселектирани ќе може да ги претстават пред Комитетот за одобрување на инвестиции при Фондот.
Најдоцна до 28 јули ќе бидат избрани проекти коишто ќе добијат финансирање од Фондот, а до септември се очекува да се потпишат и договорите и да се започне со имплементација на проектите.
– Сите апликанти кои не биле претселектирани ќе добијат препораки за подобрување на нивните предлог проекти од страна на Комитетот за одобрување на инвестиции при Фондот и истите ќе имаат можност да поднесат повторно предлог проект на наредниот отворен повик на Фондот во последниот квартал од 2017 година, се вели во соопштението од Фондот.
За четвртиот повик за финансирање на 15 старт апи и за 10 проекти за комерцијализација на иновации на микро, мали и средни претпријатија обезбедени се 1.450.000 евра со поддршка на Светска банка.