Полска не е должна да ги прифаќа мигрантите од земјите од северна Африка и Блискиот исток, затоа што не ги експлоатирала овие држави и треба да се грижи за својата безбедност, изјави денеска лидерот на владеачката партија Право и правда, Јарослав Качински, цитиран од ТАСС.
-Ние не сме ги експлоатирале земјите од кои сега доаѓаат бегалците во Европа. Не сме ја искористувале нивната работна сила и не сме ги поканиле во Европа. Имаме целосно морално право да кажеме „не“, изјави Качински на 5-от конгрес на партијата.
Според него, станува збор не само за тероризам, туку и за обична безбедност.
-Нема никакви причини радикално да го намалиме квалитетот на нашиот живот, рече тој, подвлекувајќи дека миграцијата зад себе повлекува и економски сложености.
Лидерот на Право и правда, исто така, изјави дека Полска има морално право да бара компензации за загубите за време на Втората светска војна и за економските последици од влезот во Европската Унија.
-На нашите критичари на Запад треба да им напоменеме дека Полска е првата земја која му дала отпор на нацистичкиот хитлеризам, посочи тој.