Сите поднесени предлози од Специјалното јавно обвинителство за опредлување мерки за обезбедување присуство и мерки за претпазливост против повеќе лица опфатени во различни предлози, веќе се распоредени во работа пред Кривичните совети на скопскиот Кривичен суд и по нив се постапува, соопштија од Судот.
– Со оглед на големиот број на предлози и лицата опфатени во нив, како и доказниот материјал приложен во предлозите, судиите кои постапуваат во советите вложуваат напори да донесат одлуки во законски предвидениот рок, се наведува во соопштението од Кривичниот суд.
Но, како што се додава во соопштението, со оглед на фактот дека по донесување на одлуките, за сите предлози, истите треба прво да бидат писмено изработени и доставени до странките во постапката, по завршување на целокупната процедура, за која неможе да се предвиди колку време може да трае, јавноста веднаш ќе биде информирана за донесените одлуки на Кривичните совети.
Кривичниот суд информираше дека предметите под називот „Тотал“, „Тревник“, „Тифани“, „Титаник“ и „Тортура“ преку автоматска распределба се доделени во работа за оценка на обвинителен акт кај судијката Моника Бахчовановска.
Предметите што се во надлежност на Оддлението за организиран криминал исто така преку автоматска распределба се доделени кај неколку судии.
Кај судијката Лидија Петровска е распределен предметот „Тарифа“, кај судијата Горан Бошевски предметите „Трезор “ и „ Тенк“, кај судијата Верка Петковска предметот „Титаник-2“, кај судијата Ленка Давитковска предметот „Топлик“, кај судијата Ивица Стефановски предметот „Тендери“ и кај судијата Татјана Михајлова предметите „ТНТ“ и „Траекторија“.
Специјалното јавно обвинителство вчера поднесе 17 обвиненија за 18 предмети против вкупно 94 физички и седум правни лица. Се бара мерка притвор за 18 лица и мерка претпазливост за 47 лица.