Високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на Европската унија Федерика Могерини изјави дека ЕУ и НАТО соработуваат при пораките кои ги испраќаат, меѓу другите, и кон Западен Балкан.
Таа најави дека на есен би можело да дојде во посета на регионот заедно со генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг.
– За време на мојата последна посета на регионот, посетув шест партнери во Западен Балкан и на некои од нив им пренесов многу јасни пораки и од името на генералниот секретар. Претходно ние заедно ја разгледавме ситуацијата на теренот и утврдивме заеднички позиции, изјави денеска Могерини во Брисел.
Таа нагласи дека соработката меѓу ЕУ и НАТО во моментов е посилна и посеопфатна од кога и да е.
– Подготвени сме да одиме во заеднички посети на Балканот, или каде и да е во светот. Обајцата имаме компликувана агенда, но бараме можност за заедничко патување…можеби не веднаш на Балканот, но секако на есен, порача Могерини.