Сите имаме одговорност за договореното. Денеска заклучивме дека нашите изборни програми во голем дел се слични и драго ни е што се вметнати во програмата на Владата, рече Али Ахмети по тричасовната средба со лидерите на албанските парламентарни партии.
– Отворен е процесот за средба со соседите. Тоа беше наша иницијатива. Исто така, бевме вклучени на средбите со Прибе и Хан и тие процеси почнуваат да се реализираат, рече лидерот на ДУИ.
На прашањето дали има нешто конкретно во врска со законот за јазици, Ахмети одговори дека нема потреба да се дискутира за нешто што е веќе договорено.
Ахмети изјави дека е загрижен што на средбата не присуствувале претставници на Движењето Беса. Тој јавно ги повика да номинираат претседател на анкетната комисија за заштита на слободите и правата на граѓанинот во Собранието за да може да се решаваат случаите како „Диво Насеље“, „Монструм“ и „Бродец“.
-Апелираме да ја деблокираат оваа комисија и да овозможат вистината околу овие прашања да излезе на виделина, рече Ахмети.
Виктор Јованов